На прес- конференција која ја одржа пред големата сала во општинската зграда, советничката група на ВМРО- ДПМНЕ ја соопшти одлуката на Владата донесена на 4- ти декември, според која на општина Охрид и се овозможува влез во втората фаза од процесот на децентрализација со старт на 1- ви јануари. Како што велат од советничката група, одлука која може да го промени развојот на Охрид како и функционирањето на досега нефункционалната локална самоуправа.


–    Ова е одлука која долго ја очекувавме, одлука која како советничка група неколку пати ја подржувавме на седниците на советот, одлука за која како советници лобиравме пред централната власт за да го одобри влезот во втората фаза од децентрализацијата и покрај сите недостатоци кои ги има општина Охрид. Недостатоците евидентирани во најновиот ревизорски извештај,како и  зголемените долгови кои беа претешки факти да се стават на страна при донесување на ваквата одлука. Сепак, нашата волја, активност и лобирање одеа во правец на потребата за европизација и демократизација на Охрид, во правец на обезбедување на дисциплинирана фискална политика и желба за модерен европски Охрид. Задоволни сме што Владата водена од овие цели ја донесе оваа политичка одлука, рече советничката Јованка Дамоска- Секуловска.

Таа додаде дека влегувањето во втората фаза ќе донесе нови надлежности за општината, но и нови можности и ќе ги отвори портите кон нови фондови.

–    Знаејќи го потенцијалот и капацитетот на оваа локална самоуправа немаме баш доверба и очекувања дека правилно ќе го искористат моментот имајќи го фактот дека за оваа локална самоуправа поимот јавно добро и интерес се мисловна именка, но еве Владата создава шанса за Охрид и од сега градоначалникот и советничкото мнозинство нема да имаат можност за изговори и затоа очекуваме резултат во интерес на граѓаните, рече Дамоска.


Градоначалникот Александар Петрески, поздравувајќи ја одлуката на Владата изјави дека се надева дека конечно ќе прекине штетата која и се нанесува на општина Охрид.

Ако не можат да помогнат, барем да не ни прават штета и да дозволат сами да се бориме во наредниот период. Јас многу пати кажував дка Охрид неколку пати е казнат со тоа што не ни го одобруваат кредитот за покривање на долговите, а не можевме да учествуваме ниту во проектите на ЕУ и слободно да располагаме со нашите средства. Ме чуди тоа што самите советници кажаа дека одлуката е политичка. Политичка одлука може да носи партија, а Владата е на РМ и на сите граѓани. Очигледно е дека во целата работа имало политика. Ние како општина сеуште не сме добиле информација за одлуката, а за тоа е информирана политичката партија во Охрид. Очигледно е дека владата наместо во интерес на граѓаните, делува политички, изјави Петрески.

OhridNews