Премиерот Зоран Заев вчера доцна попладне имал одделни повеќечасовни средби со в.д. градоначалникот на Општина Струга, Мустафа Забзуни, и со градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, во придружба на нивните најблиски соработници. На средбите, присуствуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски.

На средбата се разгледувале опциите како да се решат состојбите на двете општини кои години наназад се соочуваат со наследени долгови. Премиерот изразил подготвеност овие проблеми да се решат за кратко време за да можат општините, со цел во иднина без финансиски хипотеки да ги спроведуваат развојните политики за кои и двата града имаат сериозни потенцијали.

Заев исто така ја најавил подготвеноста на Владата управувањето на колекторот за прочистување на Охридското Езеро да биде изземено од надлежноста на општините бидејки, како што нагласил, грижата за ова природно богатство заштитено со УНЕСКО повеќе не смее да биде препуштена на ризиците од загадување. Покрај тоа, едно такво решение ќе го олесни работењето на општините Струга и Охрид. Премиерот соопштил дека ќе биде подготвен детален проект за негова реконструкција и доградба за трајна заштита на водите на Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид, Бакрачевски, изразувајќи ја својата благодарност за поддршката, замолил за помош од Владата за регионалната депонија за отпад, прашање за кое е била заинтересирана и општинската делегација од Струга. Заев рекол дека ова прашање е од врвен приоритет и е од интерес на граѓаните најавувајќи први интервентни и краткорочни мерки како прва фаза од трајното решавање на овој проблем за кој Владата интензивно барала најдобра солуција не само за Охрид и Струга туку за сите плански региони.

OhridNews
Макфакс