Бракот единствено како заедница меѓу маж и жена е една од измените на Уставот за кои денеска информираше премиерот Никола Груевски, истакнувајќи дека измeните се предложени во насока на допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и  функционирање на системот.

Премиерот Груевски прецизираше дека уставните измени коишто ги предлага неговиот кабинет се однесуваат на осум функционални целини.

„Во функционирањето на уставниот систем на Република Македонија од донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година до денес, се наметнува потребата од јасно и прецизно уставно дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж. Измените на Уставот на Република Македонија ќе овозможат попрецизно дефинирање на брачната заедница, поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со кој ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж“, рече премиерот Груевски.

Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот, како што образложи, ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители.

Една од предложените промени се однесува на Народната Банка на Република Македонија која е едно од обележјата за независност на државата, одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.  Поаѓајќи од ова нејзина суштинска улога, целта на измената во овој сегмент е да се интервенира во називот на оваа институција во насока на нејзино преименување во Банка на Република Македонија, рече Груевски.

Се предлага, исто така, и воведување на институтот Уставна жалба, со што се предвидува и институционална уставна жалба што значи дека наместо во Стразбур сега уставниот суд може да одлучува за жалби за повреда на слободи и права. Ова е позитивно искуство од Германија, Шпанија, Австрија, Словенија и другите земји од ЕУ, посочи премиерот Груевски

„Третата измена се однесува на создавање на можност за воведување на институтот Уставна жалба. Во Република Македонија на граѓаните досега не им стоеше на располагање овој институт кој е претходно воведен во повеќе држави. Неговата цел е да се зајакне заштитата на човековите права и слободи дефинирани во Уставот“, исткан премиерот.

Според него, со оваа иницијатива се предлага воведување надлежност на Уставниот суд на Република Македонија да одлучува по уставна жалба, изјавена против поединечни акти или дејствија на државните органи, единиците на локалната самоуправа или носителите на јавни овластувања со кои се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на: дискриминацијата, правото на живот, тортура, правото на слобода на човекот, пресумпцијата на невиност и фер судење, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, слободното основање институции за јавно информирање, слободата на вероисповедта, слободата на здружување, почитувањето и заштитата на приватноста, на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот, како и правото на слободно движење, доколку се исцрпени или не се предвидени други национални правни средства за нивна заштита. Воедно, со закон ќе биде уредена постапката за поднесување на уставна жалба, која ќе може исклучиво да ја поднесат само физички и правни лица на кои им се повредени претходно наведените слободи и права, како и рокот за поднесување на уставната жалба

Промена на составот на Судскиот совет на Република Македонија, е уште една од предложените уставнѕ измени. Промената на составот на Судскиот совет се предлага преку зголемување на бројот судии членови на ова тело избрани од страна на судиите и исклучување на членовите по функција Министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, што, како што истакна Груевски, беше клучна забелешка од меѓународните институции, а воведена како уставно правило во 2005 година од страна на СДСМ.

Промена е предложена и во надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречна дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на за избор на Јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвините од страна на Уставниот суд.

Прецизирање на фискалните правила во рамките на Буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг, е следната уставна промена предложена од владата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Односно се предлага уставно загарантиран максимум на буџетски дефицит кој во Уставот ќе биде пропишано да не е поголем од 3 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и јавниот долг да не биде поголем од 60 отсто од БДП-то. Тоа значи, рече Груевски, дека оваа или која и да е друга влада ќе биде обврзана со устав да не го зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг. „Со ова се потврдува заложбата на владата за строга и квалитетна фискална политика“, истакна премиерот.

Груевски информираше дека промена се предлага и во сферата на создавање на уставна можност за формирање на финансиска зона. Така, се предвидува уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоки меѓународни стандарди.

„Ова, во прост пример, значи дека може да се формира зона во која би владееле, на пример, британски правила и големи фирми и финансиски здруженија би можеле да ги префрлат капацитетите. Значи, тие си ги задржуваат истите правила, а градат капацитети во друга стратешки позначајна земја во поглед на пазарот и покривањето на европскиот континент“, појасни Груевски.

Измена на Уставот на земјата е предложена и со цел да се дефинира Државниот завод за ревизија како уставна категорија, со што, откако оваа институција ќе стане уставна категорија, ќе биде зајакната нејзината независност.

„Оваа предлог одлука е насочено кон подобрување на работата на институциите, воведување на нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет“, истакна Груевски.

Премиерот порача дека очекува пошироката и експертска јавност во земјата да се вклучи во овој процес и со аргументи и издражани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани.

OhridNews

извор: „Макфакс“

На последната владина седница, Владата донесе предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на земјата Македонија во повеќе области.