И по изминати осум месеци од објавувањето на вториот конкурс за избор на директор на фестивалот “Охридско лето”, министерката за култура Елизабета Канческа- Милеска сеуште нема одлучено кој ќе биде првиот човек на оваа реномирана манифестација.  Според информациите на надлежното министерство, на вториот конкурс се пријавиле 15 кандидати но засега, велат, нема ништо ново околу изборот на директорот.

Милеска по назначувањето на Илија Мојсоски за ВД директор во јуни годинава, изјави дека конкурсот времено бил стопиран поради предвремените парламентарни избори и дека новиот директор ќе биде познат по формирањето на Владата.

Мандатот на сегашниот вршител на должноста, Мојсоски истекува во декември, што значи дека до тогаш Милеска ќе мора да донесе конечна одлука и избере  еден од пријавените кандидати на конкурсот, затоа што законски не постои можност повторно да биде назначен ВД директор. Токму и најголемиот дел од забелешките во неодамна објавениот извештај на државниот ревизор се однесуваа на именувањето на претходниот вршител на должноста Васил Зороски, два пати по ред.

Како што беше потенцирано  во извештајот, повторното именување на вршител на должноста  е спротивно на Законот за култура и Статутот на Установата, бидејќи наведените законски акти не предвидуваат можност за повторно именување на в.д. директор на Установата.


Од разрешувањето на Тони Симоноски од функцијата директор на “Охридско лето” во јуни 2010, последните две изданија на фестивалот изминаа без директор, односно со вршител на должност. Првиот распишан конкурс пропадна, затоа што министерката за култура меѓу пријавените 12 кандидати не најде соодветна личност која ќе раководи со оваа установа. Вториот конкурс беше распишан на 1- ви февруари годинава.

Т. К.