Претседателот на Владата на Македонија, Никола Груевски и директорот на Агенција за државни патишта, Љупчо Ѓеоргиевски денес со свечена церемонија го отворија регионалниот пат што ги поврзува селата Лескоец и Скребатно.


Долги години наназад овој пат беше раскопан,  на делови со калдрма, на делови со големи дупки. Сето тоа беше секојдневен проблем, како за жителите на овој регион така и за сите посетители и туристи, кои на големите празници доаѓаат да го посетат излетничкото место Манастир во Скребатно.


Изградбата на патишта и урбанизација на населените места во Р.Македонија се од суштинско значење за подобрување на животот на граѓаните, за регионално поврзување на населените места,за подобрување на туризмот во земјата и за обезбедување на услови за поголем раст на државата, посочи премиерот Груевски.

-Во изминатиов период Владата преку Агенцијата за државни патишта реконструираше над 200 поединечни локални патишта. Владата изнајде начин и средства во висина од околу 25 милиони денари, за реконстуриање и проширување на целиот патен правец  Лескоец-Скребатно во должина од 8 км.- рече Груевски.


Проектите од овој вид чија основна цел е подобрување на патната инфраструктура, се едни од најзначајните за развој на туризмот во охридскиот туристички регион, беше истакнато на свеченоста.

-За охридскиот регион преку проектот за реконструкција на локални патишта, финансирани со заемот од Европска банка за обнова и развој и Светска банка, распределени се средства во висина од 1,2 милиони евра. Вкупно се завршени три локални патишта со должина од 14 км и тоа локалниот пат за село Орман, локалниот пат за село Велгошти и локалниот пат Лескоец-Скребатно.- изјави Директорот на Агенција за државни патишта, Љупчо Ѓеоргиевски.

Иведувач на работитее  А.Д.“Илинден“ од Струга, а градежните активности завршија на крајот на месец август.

На денешните активности во Лескоец реагираше  локалната самоуправа која го обвини премиерот Груевски дека ги присвојува заслугите за инфраструктурните објекти кои ги изградила општина Охрид.

– На крајно лицемерен начин и за ситно партиски цели , премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски ,  денеска свечено ќе го пушта во употреба реконструираниот   пат од Лескоец  до Скребатно , најавувајќи дека патот е инвестиција на Владата на Република Македонија. Јавноста треба да знае дек овој пат го градеше Општина Охрид , го реконструираше  и го асвалтираше  со свои свредства кои се двојно повеќе отколку средствата за кои  владата вели дека се нивни  , а  всушност се кредит од Европската банка за обнова и развој, велат од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.

Оттаму додаваат дека патот од Лескоец до село Скребатно бил изграден и асфалтиран во 1996 година,  а до манастирскиот комплекс бил завршен во 2000 година. Во 2012 година бил проширен , реконструиран и асфалтиран. 

– Општина Охрид  изготви проект, издаде градежна дозвола и аплицираше пред Европската банка за обнова и развој при што за проширување и асфалтирање добиен е кредит од 500.000 евра , а Локалната самоуправа за овој пат досега има вложено околу милион евра. Чесно е да се каже дека во изградбата на патот со свои прилози учествуваа и верниците кои во текот на целата година го посетуваат манастирскиот комплекс во Скребатно, нагласуваат од кабинетот на градоначалникот.

Локалната самоуправа, чии претставници, не присуствуваа на денешната церемонија, најави дека свечено ќе го пушти во употреба патот од Лескоец до Скребатно  на 7- ми ноември – Денот на ослободувањето на Охрид.

З.А.