Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Хазби Лика денеска во Охрид го промовираа Законот за јазиците што синоќа го усвои владата. Како што истакнаа тие, Законот за јазиците е ново решение кое треба да го замени стариот закон донесен во 2008 година, кој според владата конечно соодветно ќе ја регулира оваа сфера.

– Сите одредби во законското решение се согласно членот 5 од Уставот на Република Македонија. Пакетот законски решенија го праќаме на усвојување во Парламентот, а потоа, откако ќе биде усвоен, и на разгледување пред Венецијанската комисија, со приложените отворени прашања кои не се дел од овој закон. Ги затвораме прашањата во интерес на граѓаните и горди сме поради тоа. Еве не пред медиумите, отворено и транспарентно да информираме за политиките на Владата. Владата на Република Македонија е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите. Го ветивме овој Закон како дел од нашиот концепт едно општетство за сите граѓани, којшто ја има поддршката од граѓаните и сметаме декасо неговото усвојување покажуваме дека нема од што да бегаме.  – истакна премиерот Заев.

Тој рече дека законот ја отсликува волјата на новата влада која проблемите сака да ги решава, а не да ги става под тепих се со цел земјата да оди напред. Појасни дека законот откако ќе биде усвоен во Собранието ќе биде испратен на толкување во Венецијанската комисија во делот на употребата на Албанскиот јазик на парите и на униформите на АРМ.

-Сега нема употреба на Албанскиот јазик на монетите и на униформите на војската, но доколку Венецијанската комисија процени дека нема пречки тоа да биде направено, ние ќе прифатиме оти немаме предрасуди. – рече Заев.

ВМРО ДПМНЕ на прес конференција Законот за јазиците го нарече закон за двојазична Македонија и смета дека истиот е неуставен.

– И самите се свесни колку е штетен законот и колку тој го понижува македонскиот народ, кој е излажан, бидејќи на народот никој не му вети пред изборите дека ќе има двојазична Македонија. – истакна на прес конференција Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

Премиерот ги отфрли ваквите обвинувања, повторувајќи дека законот е целосно во согласност со Уставот и ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа.

-Со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, што значи дека Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик. Владата на Република Македонија со ова овозможува сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Досега употребата на јазиците зависеше од тоа дали некоја институција ја води Албанец. Од сега ќе зависи исклучиво од закон. Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, а добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава. – рече Заев.

OhridNews