Попладнево во Охрид започна редовната седница, петта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.
На седницата во Охрид амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ пред министрите на Владата ќе ја презентира Програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија. Централна точка на дневниот ред на оваа седница, на која учествува градоначалникот на Охрид Константин Георгиески и негови колеги од регионот, е информацијата за состојбите и извршените посети во општинитe Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца. Тие ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници, а се очекува на седницата да се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт, истакна пред почетокот на владиното заседание во Охрид техничкиот премиер Оливер Спасовски.
На седницата во Охрид ќе биде разгледаната и информацијата за присуството на Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршен инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и информацијата за преземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја.
Се што треба да биде преземено од страна на Владата ќе преземеме за Охрид da остане запишан на картата на УНЕСКО како светско наследство. – рече Спасовски.

Тие се должни да постапуваат. Се штпо се презема е на добробит на граѓаните, се што не се презема се знае дека се прави престап. Затоа денеска се оствари заедничка работна средба на Државниот инспекторат и општинската администрација, да бидат преземени сите чекори, да бидеме ефикасни токму за овие градби кои во моментот се градат да бидат стопирани и да бидат урнати. – истакна Спасовски.

За системот за прочистување на отпадните води во Охридското Езеро не се водеше грижа со години наназад и тој беше уништен. Несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на колекторскиот систем создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување. Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на граѓаните на нашата земја. – истакна во изјавата за медиумите премиерот Спасовски.
Во активностите до крајот на овој месец се вклучени работите на санацијата на делниците од Лагадин кон Пештани, како и од населбата Далјан до Подмоље. Веднаш потоа ќе стартуваат и работите по целата останата должина на колекторот долж охридско-струшкиот брег. Паралелно со овие реконструкциски и санациски работи се сервисираат и редукторите на пумпите на пречистителните станици за обезбедување на целосната функција на колекторскиот систем, информираше Спасовски.
Охридското Езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите природни и културни вредности, и тоа оваа Влада ќе го докаже. – нагласи Спасовски.

Г.М.














