– Прво да искажеме благодарност на севишниот Господ што не дозволил да се уништи она што е највредно во овој свет храм, а тоа се иконите, сета друга штета што е направена е надокнадлива, рече Владиката Тимотеј.
Тој упати апел да надвладее разумот кај локалното население, бидејќи, како што рече, на овие простори христијаните и муслиманите заедно живеат со векови.
-Апелираме како МПЦ, а и го молиме севишниот бог Исус Христос да вразуми, да даде пред се разум кај сите луѓе да разбереме дека на овие простори во Западна Македонија живееле отсекогаш заедно различни нации и конфесии, православие и ислам и нема потреба од вакви работи во 21 век, рече Владиката Тимотеј.
Ниту христијанството ниту исламот не повикуваат на насилство, додаде митрополитот Тимотеј, кој повика верниците од двете религии да го почитуваат учењето на светите книги, а државата да ги расветли инцидентите кои го загрозуваат соживотот.
-Треба да оставиме државните служби да си ја завршат својата работа и да ги откријат и казнат сторителите на вандалските чинови без оглед од која страна доаѓаат, истакна митрополитот Дебрско – кичевски и Плаошко – струшки, г. Тимотеј.
Во насока на смирување на тензиите во струшко кои се зголемија по јавно искажаниот револт на муслиманските верници против истакнување маски кои ја навредуваат исламската религија на Вевчаннскиот карневал, во Струга се одржуваат бројни средби на претставници на институциите, на верските заедници и локални авторитети со месното население.