Владиката Дебарско – кичевски г. Тимотеј, кој неодамна имаше здравствени проблеми, чиноначалствуваше со богослужбата што по повод празникот Воздвижение на светиот крст – Крстовден, се одржа во манастирот Св. Ѓорѓи победоносец во Рајчица, дебарско.

-Паднатиот човечки ум не верува и се придружува кон сомневањето на вечното прашање што го поставува пред себе. Нешто слично се случува и денеска кај современиот свет кој не обрнува внимание на современата проповед за Христос, за крстот господов и неговото воздигнување, туку се занимава со лични разбирања и размислувања кои што немаат никаква врска со вистинското учење на нашата света православна црква. Тие не сакаат да ја сфатат и разберат вистината, не слушаат кога им се зборува за бога, за неговата семоќ, за неговата бесконечна љубов и неговата сежртвеност. Бог самиот себе се принел како жртва  за секој еден од нас, но ние често пати слушаме најразлични коментари и сомневања во вистинитоста на овие настани. За крстот Христов и носењето на нашиот крст може да се оди со претпоставки и сомневања во бесконечност, но Христос одговара на овие прашања на своите современици, а со тоа и на сите нас: „Уште малку време светлината е со вас, одете додека имате светлина за да  не ве опфати мракот, а кој оди по мрак не знае каде оди, бидејќи додека ја имате светлината верувајте во светлината за да бидете синови на светлината вели Господ Христос“ во светото евангелие според Јован.-рече во празничното обраќање владиката Тимотеј.

На денешната богослужба во манастирот Св. Ѓорѓи Победоносец во ѓакон беше ракоположен отец Силуан.

OhridNews