Бронзен медал за Владимир Димитриевиќ на Европското Таеквон-до ИТФ првенство кое се одржа во Талин, Естонија. Ова е шесто последователно Европско првенство со медал за Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација која годинава учествуваше со десет членови од кои шест натпреварувачи.
Конкуренцијата беше преголема, доминираа големите репрезентации, а покрај тоа доминараше и пристрасноста на судиите која беше во корист на големите репрезентации. Ова беше најтешкото и најдраматично Европско првенство на кое имаме учествувано досега каде од старт бевме оштетени од ждрепките без право на приговор и корекција. Владимир Димитриевиќ еден од нашите најдобри репрезентативци е херојот на нашата Федерација, кој се закити со бронзен медал во спаринг борби, јуниори 16-17 години, -75 кг, која е една од најтешките категории, вели Марјанчо Лазаревски претседател и национален тренер на М.Т.Т.Ф.
Посочува дека од оправдани причини организацијата на Европско првенство малку се одолговлечило, што се одразило и над борбата на Димитриевиќ за повисока позиција.
Нашите натпреварувачи мораа да ги одработат своите борби покасно. Тројцата јуниори 16-17 години, требаше да ги одработат своите броби во саботата, на 3 мај, додека полуфинални и финални борби на 4 мај. Владимир ја имаше таа среќа да неговата категорија не успеа да заврши навремено во планираниот рок, па неговата четвртфинална борба се одложи за утрото на 4 мај, претходно славејќи победа над претставникот од Италија. Утрото на 4 мај неговата борба за медал почна во 09:35 часот, против Чешкиот рапрезентативец. Владимир беше мотивиран и спремен за освојување на медал по секоја цена, при што не му дозволи на чешкиот натпреварувач да преземе иницијатива, домирајќи цело време на борилиштето, но на крајот од борбата пристрасноста на судиите ја изедначија борбата, па мораше и трета рунда. Од старт Владимир презеде иницијатива со што не им остави прсотор на судиите да можат да го оштетат и најзаслужено победи за бронзен медал.
За жал, посочува Лазаревски, поради авионскиот лет, морале службено да ја предадат полуфиналната борба и да се задоволат само со бронзен медал, не знаејќи дали Владимир Димитриевиќ ќе беше прв или втор во неговата категорија.
Ова е негов прв медал од Европско првенство што значи неговиот квалитет оди во нагорна лиинија, и се надеваме дека ќе не радува со уште поголеми успеси во иднина. Овој успех е голем подвиг, не само за него, туку и за цела Македонија, бидејќи покажува како посветеноста, напорната работа и вештините можат да доведат до сјајни резултати на меѓународна сцена. Освојувањето медал на вакво натпреварување во едно толку конкурентно поле е одличен показател за неговиот талент и упорност. Такви херојски моменти ја потврдуваат неговата посветеност на спортот и мотивацијата која ја пренесува на други да се стремат кон врвот, потенцира Лазаревски.
Давид Крстески, во спаринг борби, јуниори 16-17 год. – 63 кг., ги победи атрактивно претставниците на Англија и Бугарија, но, во четвртфиналната борба против противникот на Украина беше поразен од страна на судиите. Истата судбина ја имаше и Христијана Парулеска претходно победувајќи ја претставничката на Германија, но во четврфиналето беше поразена од судиите во корист на Украина. И дебитанката Миа Танеска ја имаше истата судбина против Украина.
Марио Крстески имаше извонредна прва рунда против поранешен Европски шампион, но поради повреда во втората рунда, не можеше да продолжи со натпреварување. Божидар Димитриевиќ во сениори во категорија -92 кг, имаше одлични борби против натпреварувачите од Грција и Бугарија, додека против неколкукратниот светски и Европски шампион од Украина, Дмитро Пилинкевич, беше немоќен, со што како релативно млад во сенироската категорија, покажа дека е оправдано неговото место во репрезентацијата на М.Т.Т.Ф.
Како мала репрезентација презадоволен сум од настапот на нашите репрезентативци. Ова е шесто последователно Европско првенство на М.Т.Т.Ф. каде континуирано се враќаме со медал, што не прави една од поуспешните федерации, вели Лазаревски, упатувајќи брагодарност до Министерството за спорт и Општина Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков, генералниот спонзор ”ПН МЕТАЛ”, како и спонзорите “ФЕДС“ и “ОТПАД”
Инаку, на Европското првенство учествуваа околу 1000 натпреварувачи од 30 земји.
OhridNews