Владата усвои нова реформа чија цел е поедноставување на постапките и процесите за основање на фирма во Централниот регистар на Република Македонија, и намалување односно укинување на трошоците на субјектите за регистрација на фирма доколку се изведе на начинот кој се пропишува со оваа нова реформа.
Досега фирма се основаше односно впишуваше во Централниот Регистар и тоа можеше да се направи и по електронски пат и во хартиена форма, односно со достава на поднесокот на самиот шалтер на Централниот регистар или неговите подружници. Со новата реформа, покрај постоечките се дава и нова можност, односно субјектот кој сака да основа фирма тоа ќе може да го направи и преку специјализирани регистрациони агенти кои се ново предвидена можност со законските измени кои се веќе усвоени од страна на Владата и се веќе во собраниска процедура.
Регистрационен агент може да биде субјект кој ќе поднесе барање до Централниот регистар за добивање на овластување за вршење дејност на регистрационен агент и притоа да ги исполнува следните услови: да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво, да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно законот за вршење на сметководствени работи меѓу кои и образованието, да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и да има потпишано изјава за заштита на личните податоци, пред почетокот на работата.
Со реформата, во идниот период, доколку некој субјект сака да основа фирма, тогаш тоа што треба да го направи тој субјект е да отиде кај сметководител кој има добиено овластување да биде регистрационен агент, и да изјави волја да основа и регистрира фирма и да се идентификува. Понатаму, сметководителот-регистрационен агент во име на субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе ги преземе сите понатамошни чекори за впишување на фирмата во Централниот регистар, односно ќе ги обезбеди и пополни пријавата и прилозите кон пријавата и ќе ја поднесе пријавата по електронски пат. На тој начин субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе го направи тоа без никаков трошок, бидејќи сметководителот-регистрационен агент нема да му наплати за неговиот труд и нема да има трошок за регистрација затоа што сметководителот веќе поседува електронски дигитален сертификат за потпис за поднесување на документација по електронски пат, кој се разбира го користи за други видови работа во врска со неговата дејност и претходно.












