Одлука за исклучување на претседателот на Македонската заедница во Австралија Игор Аврамовски Александров од Македонската православна црква – МПЦ, официјално не е донесена, тврди портпаролот на светиот Синод, митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј. Вчера владиката Петар соопшти дека Австралиско – новозеландската епархија го екскомуницира претседателот на Македонската заедница во Австралија Александров, под обвинение за организирање на парацрква и расколничко делување.
-Донесена е пресуда на епархискиот црковен суд на Австралиско новозеландската епархија на МПЦ за негово конечно исклучување од МПЦ. Ова е една од најголемите казни што се изркуваат на верници, но проклетсво не е фрлено. Најголемиот престап од сите изложени во пресудата, е организирање на парацрковна организација на МПЦ, она што го направи Јован Вранишкоски за МПЦ истото го направи Алекандров, но овде станува за нешто порадикално, бидејќи тој има узурпирано цркви на МПЦ и во нив има вработено расчинети свештеници и делува веќе како расколничка организација сега за сега во Австралија, а негова јавна закана е дека таа ќе се прошири глобално и во Македонија со смена на сегашниот Синод.-изјави за медиумите владиката Петар.
Во телефонски разговор митрополитот Тимотеј, кој веќе две години е надлежен архиереј на 11 црковни општини на петтиот континент, денеска, изјави дека Александров не е исклучен од МПЦ, посочувајќи дека не може владика да расчинува во епархија во која нема надлежност. Тој истакна дека Синодот на МПЦ нема донесено таква одлука и дека во црквата не може секој да прави што сака. Митрополитет Тимотеј истакна дека МПЦ ќе излезе со официјален став за случајот по седницата на Синодот која, како што најави, ќе се одржи на почетокот од септември.
Претседателот на Македонската заедница во Австралија Игор Александров преку социјалните мрежи го повика владиката Петар да посочи било која црковна власт која му го уважува правото да исклучува било кого од Православието.
-Тој нема овластување да екскомуницира било кого од православието. Всушност и во самата негова одлука за екскомуникација пишува дека треба да биде потврдена на Архиепископски Црковен Суд за да биде валидна и да се објавува. Архиепископскиот Црковен Суд не ја ни видел, а тој ја објавува како утврдена, покажувајќи притоа колку самиот ги почитува каноните на кои се повикува.-истакна во писмената реакција Александров, додавајќи дека зад случајот се крие обид за попречување на регистрирањето на Македонска православна епархија за Австралија според нацртот што бил договорен со г. Тимотеј.
Несогласувањата помеѓу владиката Петар и Македонската заедница во Австралија, околу надлежноста над црковните општини и нивните имоти во Австралија, траат со години, а двете страни водеа долготрајни и скапи судски процеси.
Г.М.