Засега немам амбиции да се кандидирам за градоначалник, изјави за Ohridnews, претседателот на Советот на општина Охрид, Владо Чингоски. Тој се спомнува како еден од можните кандидати за градоначалник на пошироката листа на СДСМ, на која уште биле и директорот на МЈП „Проаква“ Бранко Трпчески, пратеникот Томе Чингоски и актуалниот градоначалник Александар Петрески.

Претседателот на советот, Чингоски, вели дека за неговата кандидатура за градоначалник разбрал од медиумите. „Немам амбиции засега да бидам градоначалник, но никогаш не се знае, рано е“, рече помалку на шега Владо Чингоски. Од предложените кандидати на неофицијалната листа, Владо Чингоски рече дека својата подршка ќе му ја даде на актуелниот градоначалник Александар Петрески.

Според актуелниот градоначалник, Александар Петрески, медиумските информации за листа имиња на кандидати за градоначалник од редовите на СДСМ се чиста шпекулација. Петрески неодамна најави дека тој повторно ќе ја трча трката за градоначалник со поддршка на СДСМ.

Пратеникот Томе Чингоски се воздржа од коментар во врска со изборот на кандидат за градоначалник на Охрид. „Додека не заврши постапката за избор на кандидат за градоначалник нема да го коментирам тоа прашање“, ни изјави Томе Чингоски.

Воздржан е и Бранко Трпчески. „Нормално е чаршијата да шпекулира со имиња на кандидати за градоначалник, но во тек е партиската процедура за избор на кандидат и не би сакал да зборувам за тоа додека истата не заврши“, ни изјави Трпчески, кој одбегна директно да одговори дали има амбиции да се кандидира за градоначалник.

Неодамна централното раководство на СДСМ, најави дека целокупната процедура за избор на кандидати за градоначалници ќе заврши до 23 декември.

Ohridnews