Владо Илиевски, кошаркарот кој се прослави со „тројката“ во последните секунди во мечот против Литванија, си заминува од македонската кошаркарска репрезентација, пренесува “Макфакс“.

Само три дена по Тодор Гечевски, и еден ден откако Илиевски го напушти тимот на Локомотив Кубан, поради семејни причини, денеска со соопштение до јавноста тој информира и дека става крај на своите настапи во репрезентативниот дрес на Македонија.
„Би сакал да Ве информирам за две мои решенија, кои ги донесов последниве неколку дена. Едната одлука е да ја напуштам екипата на Локомотив Кубан од Русија, каде настапував и во вториот дел на минатата сезона, а втората одлука е да престанам со настапите за македонската репрезентација. И во двата случаја причината е идентична и е од лична природа“, информира Илиевски.
Владо Илиевски беше дел од кошаркарската репрезентација на Македонија, со која настапи и на Европските првенства во Франција 1999 година и Литванија 2011 година, со која стигна до четвртото место.
По неговата „тројка“ во полуфиналето против Литванија, тој рече: „Леле луѓе, што направивме?! “, што стана вистински хит кај навивачите.
„Иако на моменти беше доведувана под прашање мојата посветеност кон македонската репрезентација, сакам да истакнам дека репрезентацијата е најзаслужна за мојата афирмација како кошаркар, но и дека репрезентацијата ми ги донесе најрадосните моменти во мојата кариера“, вели Илиевски во соопштението.

Тој искажува подготвеност во иднина да се стави на располагање на националниот тим.
„Останувам најголемиот навивач на репрезентацијата и во кое било време сум подготвен да помогнам за доброто на македонската кошарка“, порача Владо Илиевски.
извор:„Макфакс“










