Парламентарни избори нема да има, туку само локални, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во обраќањето на партиската конвенција на која беше промовиран кандидатот за градоначалник на Скопје.

„Во јавноста последниве неколку дена Бранко и неговите блиски пуштаат шпекулации дека наводно ќе имало предвремени избори во јуни, па во септември, па во октомври. Си лицитираат така и си шпекулираат. Го читам тоа и го слушам по медиумите и си викам: Па не е ваљда до тоа дереџе да дојде Бранко. До толку да се заплетка во мрежата која сам си ја сплете. Дотолку да заглави во лавиринтот кој што самиот го ископа, та сега да бара излез за да ги охрабри своите членови од СДСМ дека наводно успеала неговата тактика и стратегија и дека он не натерал да има предвремени парламентарни избори.

Е нема да има предвремени парламентарни избори. Ќе има локални избори.“-рече Груевски.

Тој го обвини лидерот на СДСМ дека го лаже членството со една цел, дакупи време, односно да избегне расправа за својата работа во партијата на мајскиот конгрес на СДСМ.

„Ако сакаш избори Бранко, ајде Бранко дојди на локални избори. Ако не сакаш тогаш тоа е твоја одлука, но и твоја одговорност. Едно да знаеш, неможе Република Македонија да зависи од твоите лични желби и твоите лични интереси. Македонија мора да оди напред. Граѓаните сакаат напредок, сакаат победи, сакаат успеси, сакаат решавање на нивните проблеми. Тие неможат да го чекаат Бранко Црвенковски со неговите игри и лавиринти.“-му порача Груевски на лидерот на опозциската СДСМ.

Претходно, вчера, СДСМ за време на протестот во Скопје најави дека нема да оди на локалните избори закажани за март годинава, а ќе ги вратат и мандатите.

„Апсолутно нема да одиме на локални избори, нема да се вратиме во парламентот, ќе ги вратиме мандатите, а целокупната одговорност за продлабочување на политичката криза, која е  најголема во последните десет години, ќе оди на контото на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, рече секретатрот на партијата Андреј Петров.

Тој истакна дека се помали се шансите да се надмине политичката криза, поради тоа што не постои спремност од другата страна за дијалог.

OhridNews