Власта и опозицијата ги испеглаа своите ставови и со 69 гласа „за“ и шест „против“ ги изгласаа измените за Изборниот законик, а со тоа го подготвија теренот за избори, јавува „Макфакс“.

Измените и дополнувањата беа донесени со консензус од сите политички партии, а со нив меѓу другото се предвидува да нема сечење ленти и „фрлање лопати“ со буџетски пари во изборниот период. Забранети се и вонредни субвенции, плати, пензии, социјални надоместоци.

Со изгласувањето на Изборниот законик е отстранета и последната пречка и овозможено е распишување на претседателските, но и можни предвремени парламентарни избори.

Според министерот за правда Блерим Беџети, со изгласувањето на измените се добива изборен законик кои ги исполнува препораките на ОБСЕ и ОДИХР и стандардите на ЕУ за фер и демократски избори.

„Ова е прв чекор кој може да гарантира фер изборен процес, меѓутоа, од искуство знаеме дека и најдобриот законик не може да гарантира фер и демократски избори, ако нема политичка волја од оние кои учествуваат во изборниот процес“, рече Цветанка Иванова од СДСМ.

Консензуално договорените измени ги поздравија и пратениците од ДУИ, а само ДПА беше против бидејќи оваа пратеничка група смета дека тие не гарантираат фер избори.

Измените во Изборниот законик предвидуваат и ажурирање на избирачкиот список најмалку четири пати во годината, а донациите на правните лица за политичките партии не смеат да бидат повисоки од 50 000 евра.

Со новите измени политичарите договорија и рамноправно и непристрасно медиумско претставување и бесплатно рекламирање на Собранискиот канал.

На денот на изборите гласачите ќе бидат обележани со видливо мастило.

OhridNews

извор:„Макфакс“