Камерен оркестар на Битола и македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски вечерва ќе настапат на „Охридско лето“ со проектот „Рок симфонија“. Диригент на вечерта е Владимир Димоски, а солисти ќе бидат Михајло Трајковски – Сак, Жарко Јакимоски и Боби Мојсовски.
Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот, а ќе може да се следи во живо на веб-страницата на фестивалот „Охридско лето“. Видео-преносот ќе биде достапен до пошироката публика и преку најавените линкови на фејсбук, како и на веб-порталите на медиумските спонзори на оваа најзначајна културна манифестација.
Камерниот оркестар на Битола е основан пред неколку децении и претставува значаен сегмент во музичкото живеење на Битола. Во почетоците бил составен од група ентузијасти, најчесто со мала музичка наобразба или без неа, но нивниот ентузијазам бил толку голем што за тоа време и во тие услови направиле одлични концерти. Денес Камерниот оркестар на Битола е составен од професионални музичари кои со многу жар ја продолжуваат работата на нивните претходници. Зад себе оркестарот има многу успешни концерти низ државата, учество на сите реномирани фестивали за класична музика и соработка со врвни солисти и диригенти од државата и странство како: Алесандро Д’Агостини, Анатолиј Крастев, Борис Спасов, Иван Кожухаров, Зоран Станисавлевиќ, Саша Николовски – Ѓумар, Сашо Татарчевски, Бисера Чадловска, Ле Фи Фи и др.
На репертоарот на Камерниот оркестар на Битола се наоѓаат дела од сите епохи – од раниот барок, па сè до современа класична и популарна музика. Со неговите најпопуларни и најбарани проекти од публиката „Рок Симфонија“ и „Џејмс Бонд Симфонија“ станаа бренд препознатлив низ цела Македонија.
OhridNews













