ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара морална одговорност и оставки за несреќата во модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски на прес-конференција во Собранието истакна дека  наместо морална одговорност и оставки, а потоа и непристрасна истрага СДСМ и ДУИ се обвинуваат помеѓу себе кој да ја преземе вината за несреќата во Тетово.

Зоран Заев јавно призна дека модуларната болница во Тетово е градена без одобрение за градба и без потребните статики, што се потребни за сите нормални објекти. За срамот и апсурдот да бидат уште поголеми, Зоран Заев ја спореди монтажната болница во Тетово, со изградба на летни тераси и кафеани. Ваквата скандалозна изјава на Заев е јасно признание со кое тој веќе досега требаше да биде повикан во Јавното обвинителство, бидејќи според тоа што го кажа, само прашање на време било кога ќе се случи некоја несреќа со болницата во Тетово. Да потсетиме, во овој момент има уште 18 модуларни болници градени на ист принцип со исти материјали кои очигледно се темпирана бомба и потенцијална опасност за пациентите, вели Велјановски.

Меѓусебните обвинувања откриваат дека немало соодветен надзор на модуларните објекти, немало противпожарен систем за заштита, технички прием, ниту атестирани материјали, што би гарантирало безбедност на пациентите, што е вели, надвор од сите норми и правила, ова е нестручно и недоговорно работење од страна на надлежните органи, додава Велјановски.

Од сè што до сега излезе во јавноста, јасно е дека виновни за пропустите се токму СДСМ и ДУИ и никој друг. Токму затоа мора да има одговори на следните прашања: Зошто Заев, Филипче и Хасани дозволија изградба на болница која нема основни стандарди? Дали и зошто не ги послушале советите на експертите да не ги вградуваат високо запаливите ПУР панели во модуларните болници? Колкава е разликата во цената помеѓу ПУР панелите и панелите кои имаат поголема отпорност и дали за пари некој дозволил да се изгради болница која изгоре за само три минути? Ова се клучни прашања кои ги засегаат сите, затоа, бараме одговори веднаш, рече Велјановски.

Тој ги отфрли обвинувањата од СДСМ дека го блокираат донесувањето на важни закони во Собранието и дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата се цело време во Собранието и конструктивно работат на донесување на овие закони, а за неработењето на Собранието вината ја префри на мнозинството. Велјановски најави дека покрај иницијативата за анкетна комисија во Собранието за случајот со тетовската модуларна болница, од партијата ќе следат и дополнителни иницијативи за утврдување на вистината.

 

OhridNews