Срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството. Денешните бледи и неиздржани манипулации на Филипче не може да му помогнат да ја избегне одговорноста за општиот грабеж во здравството, обвинуваат од ВМРО ДПМНЕ.

„Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра. Mинистерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата бараат Јавното обвинителство уште утре да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи за, како што велат, најголемиот скандал во македонското здравство кои деновиве кружат во јавноста.

Инаку, во текот на денот, министерот за здравство Венко Филипче одржа прес конференција на која ги нарече невистини, шпекулации обвинувањата за тендерската постапка за набавка на реагенси за јавните здравствени установи во Македонија.

“Министерство за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавност не го добила тендерот. Доколку има неправилности во постапката, спрмени сме да ја поништиме” рече Филипче. Тој тврди дека концептот за централизација на медицинските лаборатории бил од голем бенефит за македонските граѓани. “До крајниот рок за поднесување на понуди за овој тендер пристигната е само една понуда. Во моментов постапката е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција” рече Филипче. Во овој момент и во досегашниот тек на постапката, додаде тој, не е сторена никаква штета ниту по Буџетот ниту по крајните корисници на услугите – граѓаните. Тендерот вреден 35 милиони еврапредизвика внимание во јавноста откако се обелодени дека фирмата се формирала пред само четири месеци.

Оставка од министерот Филипче побараа и од партијата Алијанса за Албанците.

OhridNews