ВМРО-ДПМНЕ со апел до Градоначалникот и советниците уште еднаш да ја преиспитаат предлог-одлуката за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид.
Претседателот на општинската ВМРО ДПМНЕ, Сашо Донев, побара предлог-одлуката да се повлече, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува само идејата за имплементација на систем за електронска наплата на паркирањето, но дека одлучно е против проширувањето на паркинг зоните во Охрид.
– Со одлуката се воведува платен паркинг на улици на кои не треба да биде дозволено паркирање воопшто. Се воведува платен паркинг на улиците „Самоилова“, „Коста Абраш„, „Илинденска“, улици кои треба да бидат туристички пешачки зони, а не паркиралишта. Со вашата одлука ќе трпат станоиздавачите, угостителите и жителите на Стар град и Охрид. Со воведувањето на платен паркинг на улицата „Јане Сандански“ по цела должина, улица која е крвоток на градот и на која се наоѓаат голем број мали бизниси, истите ќе бидат директно погодени од неможност за достава на роба и тековно непречено работење, рече Донев.
Донев додаде дека со предложеното решение само ќе се влоши безбедноста на сообраќајот кој и онака е хаотичен во летните месеци и ќе ги зголеми трошоците за живот на охриѓани и трошоците на престојот на гостите кои го посетуваат Охрид.
OhridNews











