Советничката група на ВМРО ДОМНЕ денеска покрена иницијатива за интерпелација за работата на Претседателот на
Советот на општина Охрид  Душко Јаковчески. Како директна причина за ова советниците од  ВМРО ДПМНЕ го наведуваат игнорирањето на нивната иницијатива за свикување итна седница на Советот на која требаше да се расправа за случувањата во Трпејца.

– Измина деловничкиот рок до кога Претседателот на Советот на општина Охрид требаше согласно член 42 од  Деловникот за работа на Советот да свика седница на Советот на барање на ¼ од советниците.  Имавме и тема и причина да дискутираме и да бараме решение за реален проблем во општината на таа Седница ,но некој сакаше да избега од тоа и да го скрати правото на демократска расправа. Овој потег е  врвот на нарушувањето на угледот на Советот предизвикан од  марионетската улога на Претседателот на Советот , правник по професија, кој направи упад  во законските и деловничките  рамки и јавно да го прекрши Деловникот  за работа на Советот не дозволувајќи  да се одржи Седница на Советот кога тоа го побарале  10 од 23 советници во Советот. Со тоа  најдиректно се нарушени  демократските принципи во Охрид, град кој треба да биде носител и симбол на демократијата во Македонија и во регионот, ја образложи иницијативата советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ бараат иницијативата за интерпелација за работата на Претседателот на Советот на општина Охрид  Душко Јаковчески да биде прва точка на наредната седница на Советот на Општина  Охрид.

OhridNews