Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје го промовира новоформираниот Институт за македонско наследство „Павел Шатев“. Институтот ќе се занимава со истражувачки активности вклучувајќи истражување на јавното мислење и реализација на други истражувачки проекти, како и анализа на проблемите со кои се соочува земјата на национално и на локално ниво. 

„Институтот е насочен кон повеќе полиња, почнувајќи од оспособување на партиските кадри, но е отворен за луѓе со десна демохристијанска политичка профилација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседател е доктор Панде Лазаревски. Поранешниот државен секретар во Министерството за животна средина, Дејан Пановски е член на Бордот на директори, а ќе го раководи и директоратот за  животна средина и природни реткоски во рамките на Институтот.

„Ваквата чест и доверба се  валоризација на долгогодишното стручно градење на капацитетот и работата во сферата на управувањето со животната средина. Експертското ниво заедно со политичката поддршка од партијата верувам ќе придонесе за лична политичка надградба но и ќе биде прилика да се придонесе кон изнајдување на решенија за актуелните проблеми согласно целите на самиот Институт“, вели Пановски.

Тој додава дека согласно работниот план на Директоратот со кој раководи, активностите ќе бидат сконцентрирани на истражувања, анализи и предупредувања за актуелни драматики како што се влијанието на климатските промени врз хидролошката состојба.

„Еднаков пристап ќе имаме и кон анализата на туристичките потенцијали на РМ и новите економски можности во тој правец. Од ова е сосема јасно дека добар дел од активностите на Директоратот ќе бидат насочени кон потребите на Охрид и регионот. Затоа ќе се обидам да ги интегрирам сите квалитетни охридски кадри од разни профили за да можеме да дојдеме до вистински решенија на проблемите“, дециден е Пановски.

Ohridnews