По вчерашната јавна расправа во врска со Физибилити анализата за оправданоста за долгорочно задолжување на општината, од ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид реагираат дека епилогот од расправата е непознат, а општинските власти сакаат да го вратат долгот со ново задолжување.

Она што треба да допре до јавноста е фактот дека повторно на два месеци пред локалните избори, Локалната власт и Георгиески пред заминување сакаат да земат кредит од 5 милиони евра за раздолжување, а граѓаните ќе го враќаат идните 10 години. Слично беше и пред последните вонредни локални избори кога беа потрошени дури 9 милиони евра народни пари за истата цел. Загрижува и фактот  наведен во Физибилити студијата дека со близу 300 милиони денари општината ќе се раздолжи и ќе ја одблокира сметката, не се совпаѓа со она што го кажале на јавната расправа, а тоа е дека долгот е 470 милиони денари – истакна на прес- конференција портпаролот на ОК ВМРО- ДПМНЕ , Перчо Божиновски.

 

Според Божиновски извесно е дека и покрај задолжувањето, Охрид и натаму ќе остане со блокирана сметка, а како што вели тој најпроблематично од сè е тоа што ова се случува непосредно пред локални избори.