Охридскиот пратеник во Собранието на Македонија, Харалампие Шокаровски, на денес одржаната прес конференција го обвини градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески за непотизам. Како што рече Шокаровски, во текот на вчерашниот ден, искористувајќи ги формите и постапките во работењето во општина Охрид, градоначалникот Петрески го предложил својот брат, Здравко Петрески, за претседател на комисија, која треба да спроведе постапка за јавна набавка во висина од повеќе десетици милиони денари.

– Градоначалникот на Охрид, јавните набавки во кои има општ и јавен интерес и средства му ги доверува на родениот брат. Од ова поголем срам нема. Од ова поголем доказ за немањето искрени намери за раководење со општина Охрид нема. Петрески со секоја своја следна постапка само докажува дека општината ја користи како логистика и финансиски кредитор за себе и за својата тајфа, рече Шокаровски.

Тој истакна дека станува збор за формирање комисија за спроведување јавна набавка за јавно осветлување, односно распишување тендер за избор на фирма најповолен понудувач за склопување на јавно-приватно партнерство за јавното осветлување во вредност од 150 милиони денари.

– За кој непотизам говори СДСМ кога на оние малку места каде што се на власт го прават најдрскиот и најбезобразен непотизам. За која корупција говори СДСМ кога во малкуте општини каде што се на власт, не владеат претставниците на граѓаните, туку владеат клановите и бизнис тајфите на нивните локални шерифи, рече Шокаровски.

OhridNews