ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид бара од градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски јавно да соопшти колкав е долгот на општината. Партијата ја обвини локалната самоуправа за непринципиелност и копиање на политиките на претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ.

-Градоначалникот и неговата администрација испратиле понуди до фирми доверители да се пристапи кон преговори за склучување договори за отпис на камати и исплата на главницата на рати. Овој начин на менаџирање на долгот го промовира и спроведе минатата Локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која успеа да исплати над 14 милиони евра стари долгови, па од таму и каматата на дневна основа е намалена од 17 000 на 10 000 евра. Зошто тогаш опозициската СДСМ и градоначалникот го критикуваа овој начин на менаџирање на долговите, а сега истиот го продолжуваат во практика и го промовираат во медиумите како одлична идеја? Ако не е така, дали тоа ќе значи дека ова е уште еден преземен успешен проект од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ? -истакна на прес конференција денеска шефот на центарот за комуникации на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид, Перчо Божиновски.

Божиновски го повика градоначалникот да каже дали останува на ставот искажан во дебата за време на локалните избори дека долгот кој се дефинира во 2013-та на Општина Охрид е 50 милиони евра и како истиот се сервисира.

OhridNews