Од советничката група на ВМРО ДПМНЕ изразуваат незадоволство, за како што оттаму потенцираат, нетранспарентноста околу поставувањето на урбаната опрема и хаосот што секоја година го креира локалната самоуправа, предводена од градоначалникот Александар Петрески и мнозинството во Советот.


– И годинашнава програма за урбана опрема, како и сите претходни, се карактеризира со нетранспарентност, недоречености и дава само нејасна слика за квантитетот и квалитетотот на содржините за кои ќе биде поставена урбаната опрема. Очигледно, ваквиот пристап локалната самоуправа го прави свесно за да може полесно да манипулира со издавањето дозволи што доведува до хаос во екот на туристичката сезона, рече на денешната прес- конференција, Јованка Дамоска- Секулоска од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.

Таа додаде дека програмата за урбана опрема не треба да претставува само хартија со хаотично исцртани квадратчиња, туку треба да ги одразува специфичните културни и природни карактеристики на Охрид како туристичка дестинација.

– Локалната самоуправа и оваа година не инвестира ниту денар во изградба на типизирани штандови за продажба на производи, со што еднаш засекогаш би се избришала грдата слика од импровизирани штандови од картонски кутии и ламарини. Со право можеме да го поставиме прашањето: дали локалната самоуправа е таа која што ја наплаќа таксата за поставената опрема или таксата оди во други џебови, како еден од арачите за обезбедување на мнозинство во советот, рече Дамоска- Секулоска.

Од советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата апелираат локалната самопурава при поделбата на дозволите да ги надмине партиските и бизнис интереси и на сите заинтересирани граѓани да им даде можност за рамноправно учество.

Туристичките дестинации во окружувањето и во светот денес се натпреваруваат да понудат што поатрактивни и поинтересни производи на туристите, додаваат од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, додека оваа локална самоуправа во Охрид и оваа година не успеа за туристите и граѓаните да изгради ни јавни тоалети како трајни решенија, па туристите и граѓаните повторно ќе бидат принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат.

OhridNews