– Донесувањето на Законот за Охрид, ќе обезбеди интегрирана заштита на културното наследство со трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, духовните ,социолошките и други вредности на градот. Со законот се опфатени сите фактори кои влијаат во донесување на одлуки за урбаниот развој во градот, точно и прецизно определени мерки и рокови за спроведување на непосредната заштита на спомениците на културата во споменичната целина и контактната зона, потенцира претседателот на комисијата за урбанизам при ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Горан Патчев. Тој потсети и на доенесените закони за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Законот за градежно земјиште, како и Законот за третман на бесправно изградени градби.
– Изградбата на патни правци и урбанизацијата на населените места во Република Македонија се од суштинско значење за подобрување на животот на граѓаните за регионално поврзување на населените места и за обезбедување услови за поголем и подинамичен економски раст и развој на нашата држава. Во изминатиот период Владата реализира реконструкција на 56 локални патишта во 33 општини, а до 2013 година предвидено е да се реконструираат над 250 локални патишта ширум целата држава, рече Патчев. Изградбата на булеварот Железничка, чистењето на каналите на повеќе реки во Охрид, реконструкцијата на патишта во неколку охридски села, завршувањето на втората фаза на Музејот на вода „Залив на коските “ во Градиште, финализирањето на подготвителните работи за изградбата на комплексот Светиклиментов универзитет на Плаошник, се дел од капиталните инвестиции кои Патчев ги истакна на денешната прес конференција.