Eмисијата „Топ тема“ на Тв Телма синоќа беше посветена на случувањата во Собранието, а главното прашање беше дали на седниците се брани правото на дебата или се опструира работењето на новото парламентарно мнозинство. На темата дискутираа пратеникот Зоран Илиоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Стефан Богоев од СДСМ, пренесува „Макфакс“.
„Ние како партија нема да дозволиме влада која на изборите не добила легитимитет и за тоа ќе ги искористиме сите демократски средства кои ни стојат на располагање.Тоа јасно и гласно го кажав. Нема да дозволиме луѓе кои што изгубиле на изборите, луѓе кои зад нив ја немаат поддршката од мнозинството Македонци во Република Македонија, со прифаќање на туѓа платформа во туѓа држава ќе ја редефинираат уставноста и државноста на оваа држава“, вели Илиоски
Богоев го запраша Илиоски дали правело разлика ако гласовите се албански, ромски, турски или македонски. Притоа го потсети својот колега од Собранието, дека тоа се гласови на граѓаните на Македонија.
„Мене ми е нејасно како тој, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ знаат дека мнозинството Македонци гласале за нив, бидејќи на гласачкиот лист не пишува дали е некој Македонец, Албанец, Ром, Турчн или Бошњак. Вие имате гласови од сите народности и етнички заедници. На крајот од денот, дали е тоа битно? Ние сме сите еднакви граѓани. Во однос на победникот, уставот препознава еден победник, а тоа е оној кој обезбедил мнозинство на пратеници во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ, нема мнозинство“, вели пратеникот на СДСМ, Стефан Богоев.
Илиоски вели дека тие не прифатиле да направат влада по секоја цена, а завршувањето на дебатата за третата точка која моментално се дискутира би завршила за две недели, ако опозицијата не ги кочела со процедурални забелешки.
Инаку Собранието ја прекина расправата по однос на составот на комисијата за избори и именувања, која же продолжи во вторник.
OhridNews