Премиерот Никола Груевски по синоќешната лидерска средба кај претседателот Ѓорѓе Иванов изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на избори и без опозиција и дека од страна на власта биле направени максимални напори и биле прифатени барања за кои имале сериозни аргументи против. „Совеста ни е чиста, ние одиме на избори“, рече Груевски, при тоа додавајќи дека точниот датум за изборите ќе биде соопштен дополнително. Неофицијално, тие ќе се одржат кон крајот на месец мај.



Во општинските комитети и организации на партиите подготовките за предвремени избори веќе се во тек.  Калкулации за тоа кој ќе се најде на листите со кандидати за пратеници меѓу членството на ВМРО- ДПМНЕ не се прават, вели претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.

Кај нас има процедура, се знае како се одбираат луѓето кои ќе се најдат на листите за пратеници. Тоа е одлука на Извршниот комитет и претседателот на партијата. Ниту јас нити другите се оптеретени дали ќе се најдат на листите. Наша задача е да си ја одработиме кампањата , да победиме на овие избори во што јас сум убеден. Факт е дека сите ние имаме политички амбиции, но сепак крајниот збор го има Извршниот комитет, изјави Михаилов.

OhridNews