Од ВМРО- ДПМНЕ денес ја повикаа Државната изборна комисија, до крајот на денов, да одржи јавна седница или работен состанок на кој би присуствувале по најмалку два члена од четирите големи политички партии, кои со својот потпис застанале зад договорот од јуни и јули минатата година.
– На оваа средба која би било добро да се одвива во живо, пред камерите и пред јавноста повикуваме во дебатата да се вклучат и заинтересираните меѓународни претставници кои го следат изборниот процес во Република Македонија. Би дискутирале околу сите ингеренции, законски обврски и можности кои ги има ДИК, нејзините потреби и можноста се да биде поставено на свое место за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година, рече на денешната прес конференција Илија Димовски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски рече дека само на тој начин, како партија, а и јавноста, ќе бидат убедени во искреноста на целокупниот процес.
– Само на овој начин граѓаните од прва рака ќе ги видат аргументите и ќе може сами да судат и околу фактите и проценките. Според информациите кои до нас стигнаа од Државната изборна комисија и странските експерти кои работат таму, вкрстувањето на податоците, во најлош случај, со мрзлива и неодговорна рбота може да се заврши за максимум 14 дена, рече Димовски.
Тој додаде дека се надева дека сите фактори ја разбираат сериозноста на ситуацијата и одговорно ќе се однесуваат спрема државните интереси на Република Македонија, бидејќи на граѓаните им треба стабилна и просперитетна држава, а не држава во која ќе владее хаос и деструкција.
OhridNews