Јасна е тенденцијата на т.н “Сојуз за иднината”, за девалвација на институциите во Република Македонија, вклучувајќи го и Советот на општина Охрид. Впрочем, тоа е дел од нивниот историски идеолошки континуитет, кој единствено признава само суд на нивната партија. Се друго за нив е неважно, иако со тоа се прави штета по државата, општината и граѓаните, велат од ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид, по денешната реакција на „Сојузот за иднина“ во врска со случувањата на вчера оддржаната седница на советот на општина Охрид.

„Бранењето на криминалот и корупцијата во која се замешани истакнати членови на СДСМ или членови на партијата на нивните природни сојузници, како либерал-демократите на Жерновски или народњаците на Љупчо Георгиевски, е веќе виден начин на притисок врз судството за остварување на своите партиски и лични агенди. Една од вчерашните точки на седницата на Советот на општина Охрид, беше токму информација за огромните долгови кои ги има општината, кои ја надминуваат бројката од 33 милиони евра, а за кои постојат сериозни индикации дека има противзаконско финансиско работење во изминатиот 8 годишен период и претпоставка за криминал од невидени размери. Дали можеби тоа небеше еден од мотивите за неприсуство на Седницата на Советот? Дел од советниците на сегашната опозиција, во минатиот состав беа гласни бранители на тогашното раководство и директни учесници во сите активности со кои безмилосно го задолжија Охрид за повеќе генерации.“ – се вели во реакцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Оттаму потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партии во Советот на општина Охрид, доследно ќе се борат против сите манипулации на  политичките опоненти и против сите девијантни појави на криминал, корупција и незаконско работење, без разлика за кого се работи и на која партиска определба припаѓа.

„Довербата која ја добивме од граѓаните е обврска која ја оправдуваме постојано, а  политиката и Програмата за која гласаа огромен број охриѓани на последните локални избори ја спроведуваме максимално посветено.Манипулациите им ги оставаме на манипулаторите кои друго ништо не направиле во нивните скромни политички животи, а ние секогаш ќе се бориме против таквиот профил на политиканти.“ – додаваат од ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид.

OhridNews