Унијата на млади сили при ВМРО- ДПМНЕ денес организираа, како што тие велат- пародија, поставувајќи машина за перење и пароли пред општинската зграда.


– Низ оваа пералница поминаа милиони евра на урбаната мафија која господари со Охрид. Секој изграден квадрат, поминува токму низ оваа перална. Ни самите охриѓани повеќе не можеме да го препознаеме својот град, истакна претседателот на УМС на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев.


Според Донев, градоначалникот Петрески наместо туристички бисер, од Охрид создал мека за градежната мафија.

– Петрески успеа под сомнителни услови да додели дополнителни локации кај Музичкото училиште за изградба на две повеќекатници, како и за изградба на згради во центарот на Охрид, зад хотелот Ривиера. Ваквите сомнителни промени на урбанистичкото решение само ја покажуваат неговата негрижа и недомаќинско менаџирање со општинските работи. И самата ревизија покажа сомнителни исплати од страна на општината, а обврските кон голем број добавувачи се затвараат со цесии и асигнации, што не дава реален приказ за исплаќањето на средствата и остава простор за сомневање во корупција, рече Донев.

Тој обвини и за набавка на луксзуни возила во вредност од 7, 1 милиони денари, потрошени од општинскиот буџет.

– Потребите на граѓаните не се ни оддалеку приооритет на локалната самоуправа. Приоритетите се оваа ситуација да не се промени, пералницата да работи со полна пареа, а милиони евра да се слеваат во приватни џебови на сметка на празниот општински буџет и нагрдениот лик на градот, истакна претседателот на УМС на ВМРО- ДПМНЕ Охрид.

OhridNews