Од владејачката партија соопштуваат дека митингот би го одржале на градскиот стадион или на било кое друго место кое ќе биде одредено од градоначалникот Петрески.
„Со оглед на фактот дека градоначалникот на Општина Охрид Александар Петрески не дозволува ВМРО-ДПМНЕ да одржи изборен митинг на Градскиот плоштад во Охрид, нешто што беше пракса во сите претходни изборни кампањи, прифаќаме митингот да го одржиме на градскиот стадион “Билјанини Извори” во Охрид или на било кое друго адекватно место кое ќе го одреди градоначалникот на Охрид Александар Петрески“, се вели во соопштението од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ ќе митингува на стадионот „Билјанини извори“?
Како што објавивме, охридските советници на иницијатива на градоначалникот Петрески донесоа одлука предизборните митинзи во Охрид наместо на централниот плоштад „Св. Климент Охридски“, да се одржуваат на просторот на поранешниот полигон за мали спортови. Покрај ВМРО ДПМНЕ, која веќе го имаше закажано својот прв митинг од претстојната кампања на плоштадот во Охрид, реакции на одлуката има и од СДСМ која исто така сака да митингува во центарот на Охрид.
Два дена подоцна ретерира градоначалникот Петрески, кој, како што информираат од локалната самоуправа, вчера попладне требаше да оствари средба со претставници на ОК на ВМРО- ДПМНЕ во обид да ја смири напнатата политичка атмосфера која настана по донесувањето на Одлуката на Советот на општина Охрид со која полигонот за мали спортови се определува за место за одржување на предизборните партиски митинзи.
Не се исклучува можноста доколку и натаму има негодувања од партиите општината да дозволи предизборните митинзи да се одржуваат на градскиот плоштад, велат од локалната самоуправа.