Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ донесе одлука за свикување на Конвенција, на која ќе се одлучи кој ќе биде кандидат за Претседател на Република Македонија од нивните редови. Конвенцијата ќе се одржи согласно со изборните рокови утврдени во Изборниот законик и изборот на кандидат ќе падне на први март 2014 година, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО – ДПМНЕ велат дека на овој начин, изборот на кандидат за Претседател на Република Македонија ќе се изврши преку демократски, транспарентен и отворен процес.
– Свикувањето на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија е редовна пракса која ВМРО-ДПМНЕ ја применува од своето формирање. На сите досегашни претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ избирала свој кандидат токму на овој начин, низ демократска процедура, каде делегатите одлучуваат врз база на своето убедување, а врз основа на вредностите, принципите и програмите на предложените кандидати”, велат од партијата.
Пред одржување на Конвенцијата ќе биде објавен јавен повик за пријавување на интерес, односно приложување на кандидатура до Конвенцијата за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.
Право да приложат своја кандидатура имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на Република Македонија, кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ или се поддржувачи на политиките на партијата и се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и националните прашања.