Охрид веќе осум години е заложник на неодговорната политика на Александар Петрески како и од мала група блиска до него која буквално во последно време го тероризира Охрид. Како најдобар пример за тоа е криминалното доделување на паркинзите на градот Охрид под концесија. Покрај овој скандалозен и криминален чин исто така се востанови дека на криминален начин се спроведува и тековното работење со градските паркинг простори во Охрид, беше изнесено на денешната прес- конференција на општинскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ.
– Според наши извори дознаваме дека соодветните инспекциски служби утврдиле дека лицата кои работат на паркинзите не се воопшто пријавени како вработени, за нив не се плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување како и останатите давачки за регулирање на работен однос. Ова значи класична злоупотреба и експоатација на луѓето коишто работат од сопствениците на приватната фирма која ги стопанисува паркинзите и за тоа ќе бидат поведени соодветни постапки пред надлежните инститтуции, велат од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека со ваквото незаконско постапување и со зголемување на цените за паркинг на 50 денари како и погрешната одлука за окупација на слободните паркинзи во Охрид на виделина излегува големата корупциска афера со доделувањето на паркинзите во Охрид под концесија.












