Проект за изградба на нови 140 државни детски градинки во периодот од 2017 до 2020 година со кои ќе се отворат до 18 илјади места за згрижување деца од претшколска возраст најави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Вредноста на проектот е 25 милиони евра, а со неговата реализација треба да се реши проблемот со листите на чекање за згрижување на деца во градинки. Приоритет за изградба на нови детски градинки ќе имаат општините кои имаат најголеми потреби, односно најдолги листи на чекање.
Станува збор, рече Груевски, за изградба на 100 комплетно нови и 40 детски градинки кои ќе се отворат во постоечки, а неискористени државни објекти, откако претходно ќе бидат реновирани и адаптирани. Со овие, градинки, опфатот на деца згрижени во претшколски установи се очекува да се зглеми од 26 проценти колку изнесува сега, на околу 40 проценти.
Приоритет во рамки на овој проект ќе имаат општините кои имаат најголема потреба од нови капацитети за згрижување, кои што досега имаат и најголема листа за чекање како во Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Битола, Штип, Чаир, Кавадарци, Струга, Прилеп, Делчево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес… Веројатно, потенцира Груевски, во зависност од потребите во одредени општини, ќе се изградат и повеќе градинки.
OhridNews