Вчера СДСМ и нивните сателити од Народна го злоупотребија советот на град Охрид и донесоа срамна одлука со која се забранува одржување на митингот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 16 мај, во 19 часот, на градскиот плоштад и другите партии со што  митинзите требало да се одржуваат на полигонот, рече на денешната прес- конференција претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ од секогаш своите митинзи ги започнувале од плоштадот во Охрид и рече дека ВМРО- ДПМНЕ не отстапува од донесената одлука- митингот да го одржи на плоштадот, на кој се очекува, како што рече Михаилов, да присуствуваат повеќе од 30.000 жители на Охрид и околината.


–  На 16 мај митинг на градскиот плоштад ќе има бидејќи ВМРО-ДПМНЕ од Охрид ги има сите потребни документи за одржување на митингот и од локалната самоуправа и од сите други институции. На манипулаторите им порачуваме ако не можат да се одржуваат митинзи на плоштад, зошто никој не им оди, да ги закажат во малата сала на Домот на културата, неа сигурно ќе ја наполнат, рече Михаилов.

Од Локалната самоуправа пак се категорични- одлуката донесена на совет важи за сите партии. Од таму најавуваат дека издаденото одобрение за одржување на митингот на ВМРО- ДПМНЕ на градскиот плоштад,  најверојатно ќе биде преиначено. Ваквата одлука има и правна издржаност, објаснуваат од таму.

– Советот на општина Охрид , на предлог  на Градоначалникот  Александар Петрески, донесе одлука  партиските митинзи да не се одржуваат на градскиот плоштад туку на полигонот за мали спортови ,бидејќи само така се    почитува волјата на граѓаните кои сакаат да го заштитат плоштадот и да не ги вознемируваат туристите на  почетокот на туристичката сезона.Токму затоа ,неразбирлива е реакцијата на ОК на ВМРО- ДПМНЕ со која се покажува дека , како и досега поважни им се внатрепартиските отколку интересите на граѓаните. Очигледно е дека ВМРО- ДПМНЕ сака во текот на предизборието градскиот плоштад  да наликува на депонија и ништо да не остане од убаво средените зелени  и цветни површини.Всушност,не ги интересира ни плоштадот ни туризмот, туку  стравуваат , дали ќе може да го наполнат  просторот на полигонот за мали спортови,  кој собира многу повеќе публика од градскиот плоштад, велат од кабинетот на градоначалникот Петрески.

OhridNews