ВМРО-ДПМНЕ повторува и потврдува дека не се согласува, нема да преговара и нема да дозволи промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО, се вели во партиското соопштение, пренесува „Макфакс“.

„Причините досега се образложени повеќе пати во јавноста, а се темелат на заложбата за унитарна држава, заштита на Уставниот поредок, нашите политички заложби изнесени во предизборниот период, Охридскиот Рамковен договор, како и на договорот од јуни-јули 2015-та кој оваа коалиција доследно го почитуваше како што беше договорено и потпишано, и нема намера да го менува“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму се додава дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да преговара ниту, пак, ќе дозволи промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО.

„СЈО нема никаква врска со правдата, тоа е политички инструмент во рацете на еден центар на моќ и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Македонија, и нејзините граѓани. СЈО е копче кое ќе биде стиснато секогаш кога било кој ќе се осмели да не игра така како што некој од надвор му сервира и диктира“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, СЈО не е независно и непристрасно и нема никаква врска ни со правото ни со правдата.

„СЈО е инструмент за продолжување на кризата и држење на Македонија во заложништво, и затоа ние никогаш нема да се согласиме Македонија да продолжи да се држи во заложништво и да постои инструмент за дисциплинирање на секој оној кој се бори за заштита на националните и државните интереси. Не дозволувањето за продолжување на мандатот на СЈО не е страв, туку храброст и пркос“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
извор: „Макфакс“