Одлуката за формирање на новите јавни претпријатија кои што произлегоа од Ј.П.„Охридски Комуналец“ и МЈП „Проаква“ беше избрзана и донесена без соодветна економска анализа, а доказ за тоа се проблемите со кои постојанo се соочуваат овие претпријатија, смета советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Според советниците на ВМРО ДПМНЕ предлогот за кредитнио задолжување на новоформираното јавно претпријатие „Градски гробишта“ за што треба одлука  да донесе Советот, е само уште еден доказ дека новите јавни претпријатија имаат финансиски проблеми.

-Недозволиво е јавни претпријатија кои имаат монополска позиција на пазарот кредитно да се задолжуваат со 60 000 евра. Ние уште при формирањето укажавме на можните проблеми со кои тие ќе се соочат, посебно за финансиската одржливост, особено што матичното јавно претпријатие не си ги подмирило навреме своите обврски кон новоформираните јавни претпријатија, истакна советничката Јованка Дамоска Секулоска од ВМРО ДПМНЕ.

Таа посочи дека недомаќинското работење на менаџментите на новоформираните јавни претприја дополнително ја влошува нивната финансиска состојба, поради што постои големо незадоволство кај вработените.

Градоначалникот Петрески смета дека одлуката не е избрзана туку задоцнета, затоа што во други општини одамна се формирани специјализирани јавни претпријатија како новоформираните во Охрид.

-Доколку тие беа навреме формирани немаше сега да се соочуваме со ваквите проблеми. Сите знаеме дека секој почеток е тежок и затоа треба проблемите постепено да се решаваат, како што и правиме.-изјави градоначалникот Петрески.

Советот на општина Охрид за одлуката за кредитно задолжување на новоформираното ЈП „Градски гробишта“, ќе се изјасни на продолжението од 39 седница, која денес беше прекината.

Претходно советниците без многу расправа усвоија 23 точки од областа на образованието кои се однесуваа на одобренија за формирање паралелки со помал број ученици, како и извештаи за работата на училиштата.

По прекинот на 39-та седница Советот ја продолжи прекинатата 38-ма седница и ги усвои одлуките за склучување јавно приватно партнерство за стопанисување со јавното осветлување во општината и урбанистичкиот план за изградба на болница во населбата Св. Еразмо. Советот со расправа ќе продолжи во понеделник, по преостанатите точки од прекинатите 35 и 39 седница.

OhridNews