За владејачката ВМРО-ДПМНЕ неразбирлива и неприфатлива е одлуката на Државната изборна комисија (ДИК)која постапувајќи по жалбата на опозициската СДСМ, со 4 гласа за и 3 против донесе одлука да покрене прекршочна постапка против кандидатот за претседател Ѓорге Иванов за предвремено започнување на изборната кампања со својот отчет од 14-ти март, кога веќе била утврдена листата на кандидати за избор на шеф на државата.
„Не ја разбираме и не ја прифаќаме логиката што ја поддржале претставниците на СДСМ и другите политички партии во ДИК, а која логика вели дека политичарите не треба и не смеат да дадат отчет за сработеното. Ова е очигледно заради тоа што другите партии и кандидати немаат со што да дадат отчет пред граѓаните“, се вели во реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се истакнува дека е очигледно дека во СДСМ „се уплашиле од отчетноста“, односно дека би требало да кажат дека „затворија 684 фабрики, дека избркаа од работа 200 илјади луѓе, дека ги намалија пензиите, или дека направија штетна територијална поделба на државата“, додека Стево Пендаровски, исто така, во евентуално давање отчет за сработеното би требало да наведе дека „бил претседател на ДИК на избори на кои со фалсификат бил избран Црвенковски за претседател на државата“ , како и дека подоцна како негов советник „аминувал територијална поделба на земјата и дека советувал предлози за името кои ги лиферуваше Црвенковски во минатото“.
OhridNews