Од општинската ВМРО- ДПМНЕ го обвинуваат градоначалникот Александар Петрески дека не го почитува сопствениот збор и дадените ветувања околу концесијата на паркинзите.  

– Иако сите бевме сведоци на неговото признавање дека Општината направила катострофална грешка со давањето под концесија на паркинг просторите во Охрид и дека истите ќе бидат вратени под општинска надлежност, до денес Александар Петрески не покренува никаква постапка за да и ги врати паркинзите на Општината. Напротив,  тој преку неговите постапки укажува дека нема намера да го направи истото до крајот на неговиот мандат, изјави на денешната прес- конференција портпаролот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Митровиќ.


Тој потенцира дека иако изминал подолг период откако паркинг просторите во Охрид се дадоа под концесија, сеуште нема одговор на прашањата: на кој начин паркинзите кои со одлука на Советот на Општината се дадени само на управување  на ЈП „Билјанини Извори“,  Петрески ги доделил на приватни лица, по која постапка се раководел кога ги давал паркинзите под концесија на приватни лица, дали Александар Петрески има личен интерес паркинзите да не бидат под Општината и чии интереси брани со ваквиот негов став ?

Од општинската ВМРО- ДПМНЕ го прашуваат градоначалникот дали тој и неговите блиски соработници имаат личен интерес на криминален начин да се спроведува тековното работење со градските паркинг простори и без одлука на Советот на Општина Охрид да има  покачување на цената за паркирање низ градот и дали признавањето за грешката која се направила со паркинг просторите била само уште една предизборна лага и замајување на јавноста.

OhridNews