ВМРО-ДПМНЕ како предводник на коалицијата За подобра Македонија, вчеравечер, о Управниот суд поднесе тужба против решението на Државната изборна комисија со кое се уважи приговор на подносителот, политичка партија Движење БЕСА и се поништија резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на гласачко место бр. 0396/1, во општина Гостивар изборна единица 6.

„Ваквата незаконска одлука на Државната изборна комисија директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ. Во рамки на тужбата, правната служба на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија приложи бројни докази и аргументи со кои се потврдува незаконитоста и неоснованоста на одлуката на Државната изборна комисија„, се вели во партиското соопштение.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ повикува да не се врши притисок врз Управниот суд од никого и судиите да одлучуваат исклучиво врз основа на закон, а секое поинакво постапување сметаат дека би било фалсификување и крадење на јасно изразната волја на граѓаните со пост изборен инженеринг.

OhridNews
извор Макфакс