Од општинската ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека локалната власт не може да се справи со, како што велат, урбаната мафија која секојдневно со дивоградби го узурпира крајбрежјето на Охридското Езеро.

  • Најпрвин хотели, потоа следуваа објекти и пицерии во строгиот центар, па бетонски бази, за сега ѕидови кај Градиште и најнова дивоградба кај Свети Стефан. Зошто Георгиески молчи кога пред негови очи никнува нова дивоградба на крајбрежјето и се сечат дрва кај Свети Стефан? Георгиески веднаш да започне да работи согласно законите во државата и да започне да ги спроведува препораките од УНЕСКО за заштита на градот Охрид, велат од ОК на ВМРО ДПМНЕ.

Бараат или градоначалникот да ги реши проблемите или да поднесе оставка.

  • Доколку се плашиш за својот живот, а мора да ги испорачаш фактурите од непринципиелните коалиции кон оние коишто те донесоа на власт, веднаш да си поднесеш оставка. Однесувањето на Георгиески е лицемерно и нема храброст да се справи со урбаната мафија. Охриѓани не заслужуваат уплашен градски татко. СДСМ и Георгиески само одобруваат нови дивоградби без никакви заложби за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство на Охрид, велат од ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews