Специјалното јавно обвинителство даде најдобар пример за двојните аршини по кои работат, смета владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Во партиската реакција на прес конференцијата на СЈО, кое вчера подигна две обвиненија против поранешни високи членови на извршната власт, се вели дека обвинителката Фатиме Фетаи тргнала отворено против сите граѓани кои одлучија да излезат на протест против спречување на изградба на црквата во Општина Центар, откако и претставници на Македонската православна црква и здружението на граѓани Веритас се спротиставија на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради Црквата Свети Константин и Елена.
„Обвинителката Фатиме Фетаи реши да тргне против верниците кои имаат уставно загарантирано право на протест и имаат право да го изразат сопственото негодување со политиките на Жерновски и СДСМ, само заради тоа што предизвикале материјална штета од 20 евра. Фатиме Фетаи и Катица Јанева ги игнорираат штетите од милиони евра предизвикани од вандалите на платеничката револуција.
Фатиме Фетаи и Катица Јанева ги игнорираат повиците на аболицираниот криминалец Зоран Заев и Радмила Шекеринска и нивната поддршка во палењето, демолирањето, ограбувањето и уништувањето на институции и културно историски споменици при вандалското однесување на членовите на платеничката револуција.
Фатиме Фетаи и Катица Јанева имаат само една цел. Се обидуваат неосновано да го оцрнуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ само заради тоа што било и ќе биде на страна на народот. Фатиме Фетаи и Катица Јанева не го познаваат ВМРО. ВМРО издржало многу покритични напади од нивните. ВМРО ќе ги издржи и овие нарачани политички случаи и ќе остане со народот.“ – стои во соопштението на владејачката ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews