Повластена стапка од 5% на ДДВ за бебешки производи и финансиска поддршка за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи, се дел од предвидените политики во изборната програма на ВМРО- ДПМНЕ, наменети за младите.
На денешната прес конференција, охридските кандидати за пратеници, потенцираа дека во програмата за 2014 – 2018 година главен акцент е ставен на политиките кои што се однесуваат на младите, поради нивната огромна креативност и енергија која што треба да се искористи. Програмата предвидува и станови и куќи за станбено необезбедени млади брачни двојки, поддршка на натпревари и настани од областа на ИКТ, програма за талентирани млади и нивна подготовка за раководни функции во јавен сектор.
– Предвидена е модернизација и зголемување на квалитетот на наставата на учениците со набавка на 300.000 таблети. Со нив ќе се изврши замена на персоналните компјутери од „Проектот компјутер за секое дете“. Нов државен Институт за енергетика и стипендирање на студентите на насоките за енергетика. Институтот ќе ги собере најдобрите кадри од оваа област во државата, ќе ги вклучи во својата работа докажаните научни кадри од соодветните факултети, а ќе се вклучат и младите стручни кадри од оваа област. Во двете државни енергетски компании АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО отпочнавме процес на поттикнување на младите да се образуваат и усовршуваат во областа на енергетиката. Кон оваа иницијатива се приклучи и ЕВН Македонија, така што трите компании секоја година ќе доделуваат вкупно 15 стипендии, информира кандидатот за пратеник Александар Николоски.
ВМРО- ДПМНЕ предвидува да ги поддржува младите и преку изградба и реконструкција на културни и младински центри, поддршка на земјоделските бизниси на младите земјоделци, попуст од 50% при посета во театрите, музеите, опера, филхармонија, балет, ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за млади лица до 29 години, а предвиден е и оперативен план за активни програми и мерки за вработување на млади 2015-2016 година.
– Ќе отвориме дисперзирани паралелки на Спортската академија во Охрид со насоки за фудбал, ракомет, тенис и кошарка.Ќе формираме училишни спортски клубови, ќе организираме отворени курсеви, ќе промовираме и потикнуваме иновациска дејност, ќе продолжиме да доделуваме стипендии на 500 млади спортисти, ќе има бесплатен викенд за младите лица до 27 години за превоз во железничкиот сообраќај. Со проектот Совети на младите во општините се прави значаен чекор за зголемување на улогата и учеството на младите во процесите на донесување на одлуки на локално ниво во Охрид, рече Николоски.
Николоски потенцира дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе и нова Национална стратегија за млади 2016-2025 година, како и Национална кампања против говор на омраза.
OhridNews