Охридските кандидати за пратеници од ВМРО- ДПМНЕ најавија спроведување на низа нови реформи во областа на здравството. Како што рече кандидатот за пратеник д- р Сашо Василевски, меѓу приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ е задоволни корисници на здравствените услуги,чии проблеми ќе се решаваат брзо и ефикасно.
Меѓу проектите кои ги најави Василевски е проектот Вреднување на образованието и знаењето, како и проектот Едукации- обуки на доктори и друг здравствен персонал кој опфаќа едукација на 500 доктори и друг здравствен персонал.
– Проектот Воведување на 100 нови методи- интервенции со цел искористување на опремата и обезбедување на дополнителни поквалитетни услуги, значи доближување на светската модерна медицина до граѓаните на Република Македонија преку воведување нови практики во болниците. Во рамки на проектот Телефонска линија за медицински совети ќе формираме повикувачки центар кој ќе овозможи советодавни услуги/упатства за сите граѓани , за кои не е неопходен итен медицински третман, како што се сучаи на настинки, покачена телесна температура, главоболки и др.), рече Василевски.
Василевски го најави и проектот Фондот поблиску до пензионерите, во чии рамки во соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите, Фондот ќе организира работилници на кои ќе се презентираат правата на осигурениците, ќе се објаснуваат сите поволности и новини кои ги нуди и воведува фондот и ќе се врши едукација за здравственото осигурување на оваа популација.
Новина ќе биде и проектот Нови лекови на рецепт достапни за граѓаните, со кој се предвидува постепено воведување на нови генерации на лекови на позитивната листа. Василевски најави осовременувањето на болниците и вработување на нов потребен кадар, како и реконструкција на Здравствениот дом кој ќе прерасне во современ поликлинички центар.
OhridNews