Општинската ВМРО- ДПМНЕ на прес конференција обвини дека и покрај долговите кои ги има,  локалната самоуправа распишала оглас за нови 32 вработувања. Од оваа партија изразуваат сомневање дека станува збор за партиски вработувања, со оглед на тоа дека огласот се распишува во пресрет на локалните избори.

– Целта е полнење на општините со партиски заслужните војници, за сметка на младите и способни кадри кои немаат шанса наспроти членовите на СДСМ. Ова се нови партиски вработувања во ионака пренатрупаната општинска администрација. Нејасно е како има пари за нови вработувања, а нема пари за плати на веќе вработените во општинската администрација?, праша портпаролот од ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Митровиќ.

На ваквите обвинувања градоначалникот Петрески со одговор- ВМРО – ДПМНЕ нема кредибилитет да обвинува за партиски вработувања, бидејќи изминативе години, имаат вработено стотици партиски војници како советници, нивни заменици и слично, кои воопшто не се појавуваат на своите работни места, туку само се на платен список.

– Сакам да ја информирам јавноста дека распишаниот оглас се однесува на веќе вработени кои неколку години доаѓаат на работа во Општина Охрид, но со договор на дело. Процедурата за добивање одобрение за вработување од Агенцијата за државни службеници трае долго. Сега го добивме одобрението и затоа огласот се распишува дури сега, изјави градоначалникот.

OhridNews