Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Дебрца, соопшти дека категорично ја отфрла предложената локација за изградба на регионалната депонија во Годивје и на било која друга локација од Дебрца.
– Ќе се вклучиме во запирањето на оваа налудничава идеја бидејќи Дебрца е единствената општина со чиста животна средина, таа претставува најголемото сливно подрачје на Охридското Езеро кое е заштитено со закон и е под заштита на УНЕСКО. Го поддржуваме Градоначалникот со неговите отворени ставови дека е против изградбата на оваа депонија, но би сакале да го прашаме дали толкаво е неговото влијание кај сопствениот партиски шеф, премиерот Зоран Заев, кој во кампањата за локалните избори во Белчишта им порача на Дебрчани дека зборот е збор и дека нема да се гради депонија во Дебрца, а тоа може да се види од видеото. – се вели во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ – Дебрца. Партијата сподели видео од предизборната кампања на политичкиот ривал за локалните избори одржани есента минатата година.
ВМРО ДПМНЕ бара градоначалникот Ногачески да се произнесе јавно за прашањето околу изградбата на регионална депнија во Дебрца.
OhridNews











