Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ со реакција за случувањата на вчера одржаната седница на советот.

Во извештаите за реализација на Програмите од секторот за комунални дејности, евидентни се големи промашувања во плановите и реализацијата на истите. Во програмата одржување и заштита на локални патишта од планирани 12 милиони, реализирани се само 6 милиони денари. Не се започнати санирањата на улиците во Вапила, Коњско, Косел, Ливоишта, Љубаништа, Рача, Елшани, Велестово. Од програмата Асфалтирање на улици, од  планирани 78 милиони денари, искористени се само 28, односно 36%. Од програмата поплочување на тротоари и улици од 37 милиони денари, сработени се само 10 милиони денари. Во програмите водоснабдување и одведување на прочистување на отпадни води не е ништо сработено, рече на денешната прес конференција, портпаролот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Илија Мојсоски.  Локалната се обидува да каже дека сето тоа требало да се сработи со средства од владините агенции, што е апсолутна лага,  додаде Мојсоски.


Како што истакна портпаролот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, на вчерашната седница советничкото мнозинство по којзнае кој пат го поддржа извештајот на секторот ЛЕР кој во најмала рака е скандалозен. – Извештај во кој не се знае колку средства се трошат и кој трпи повторување на исти активности и средства во различни програми. Извештај кој е збир на шетање на раководителот на ЛЕР по светот, а без ниту еден ефект за Охрид. Секторот ЛЕР е сериозна сива зона на Локалната самоуправа. Дали советничкото мнозинство го штити раководителот на ЛЕР затоа што таму си вработува блиски роднини на функционери на СДСМ и дали градоначалникот го штити раководителот на ЛЕР заради другарско коруптивни игри, на штета на Охрид. Во ЛЕР работат и чесни луѓе кои ја знаат вистината, но не можат да дојдат до израз токму заради штитењето на раководителот од наведените причини, рече Мојсоски.


Тој се осврна и на изгласаната одлука за кредитното задолжување на ЈП Комуналец. – Мнозинството од СДСМ и ВМРО- НП безсрамно изгласаа ново кредитно задолжување за Комуналец во услови кога ова ЈП има монопол на услугите кои ги дава, во услови кога ова ЈП зема пари од граѓаните, а добива и средства од програмата за јавна чистота од локалната самоуправа. Невозможно е ако се работи коректно, ЈП Охридски Комуналец да има потреба од ново кредитно задолжување. Лага е одбраната дека тоа е рамковен кредит, па сега револвинг, па незнаењето и сомнителните изјави за ратите за исплата на кредитот во тројна висина. Зошто ЈП Охридски Комуналец ликвидноста ја покрива со нов кредит, каде се парите од сметките  на граѓаните, каде се парите од локалната самоуправа што стигнуваат во ова претпријатие и зошто СДСМ се дрзнува да го задолжува Охрид со непотребни кредити. Ова е само показател на незнаењето на СДСМ да го раководи Охрид и на корумпирана локална власт на чело со градоначалникот, истакна Мојсоски.

OhridNews