СДСМ не води транспарантен процес на донесување одлуки почитувајќи ги интересите на граѓаните. Ова ли е отворена и услужна Општина за сите, којашто ја ветувавте господине градоначалник Стојаноски?, праша на денес одржаната прес конференција пред општинската зграда, Перчо Божиновски, шеф на центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Свесно манипулирате со граѓаните дека претходно била проверена микро-студијата за сообраќај во централното градско подрачје. Лажно се затскривате зад статусот на Охрид под УНЕСКО за кој лично за жал не можете да го гарантирате поради урбанистичките планови и најпосле дрско и безобразно лажете дека жителите барале таков режим на сообраќај. На жителите од Центар и Стар Град им ветувавте катна гаража, пешачки и велосипедски патеки, мини-плоштад, а не рампи, рече Божиновски.
Тој побара градоначалникот лично да излезе пред јавноста и да го објасни режимот на сообраќај за време на туристичката сезона како и функционирањето на рампите.
– Ако е с`е толку добро зошто тогаш не организиравте негово отворање? Охриѓани и туристите се свесни, ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, имаат хуман однос, но го гледаат хаосот којшто се случува во сообраќајот и затоа реагираат, додаде Божиновски.
ВМРО-ДПМНЕ бара градоначалникот Стојаноски веднаш да го поништи донесеното решение за функционирање на рампите, а СВР Охрид да ги отстрани незаконски поставените рампи.
OhridNews












